Идеално.Мк

Градот на светлината Париз

За Париз сме слушнале многу, градот на светлината, светски центар на модата, романтичниот град на љубовта. Одлучивме да отидеме користејќи ги нашите евтини предлози и самите да се увериме.

Можеби најдобриот совет кога прашавме што да посетиме беше да се изгубиме. Да се изгубиме пешачејќи во било која насока се додека не се измориме и без посебен избор не седнеме во најблиското кафе. Париз за нашиот краток престој не не разочара. Ние бевме сместени во 10тата област (областите се означени со бројки и од центарот во спирала се зголемуваат кон надворешноста), па тој дел се покажа како одличен за ваков вид на посета. Токму и тоа го направивме, избравме место што сакаме да го посетиме и тргнавме стриктно не водејќи се по одредена рута, туку едноставно се насочуваме по улиците што ни изгледаа интересно. Вака го осетивме вистинскиот дух на Париз, топло ви го препорачуваме истото. Затоа за разлика од досегашните патувања каде ве водевме по рута која нам ни беше интересна, тука ќе ви ги претставиме само значајните места кои може да ги посетите а вие сами одредете како ќе стигнете.

Тоа што нам ни беше интересно е целата опуштеност на луѓето и начинот на кој просто уживаат во денот. Блоковите згради скоро сите завршуваат со кафе барови кои никако не се трудат да ви се наметнат. Eдноставно функционираат без да наликуваат едно на друго, сите убави на свој начин. Навечер младите се собираат на различни локации во голем број, дружејќи се без предрасуди, со пијалаци, гитара или само разговараат. Кејот на каналот Сент Мартин, во близина на нашиот хотел беше едно од овие места.

Paris cafe

Секако градот е многу голем и сигурно повеќе пати ќе треба да се возите со метро. Градот е речиси целосно поврзан со повеќе линии метро, кои се означени со различна боја и број. На секоја станица лесно може да се снајдете следејќи ја бојата или бројот и името на крајната станица односно страната на која патувате. Тоа што дефинитивно се исплати за краток престој се бродчињата кои крстарат по Сена и застануваат кај позначајните туристички места. Цената за дневна карта беше 17€, а за два дена 19€ со тоа што може да се качувате неограничен број на пати во денот. Секако откако ќе ја искористите картата може да поклоните некому или да ја продадете 🙂

Богородичната црква во Париз

 

Сигурно сте ја читале или сте чуле за книгата за љубовта на Квазимодо кон Есмералда. Дејствието на оваа книга се случува токму тука во Катедралата Нотердам (на француски во буквален превод значи Старата Дама). Оваа прекрасна катедрала која плени со својот изглед, се наоѓа на природниот остров на реката Сена Île de la Cité (Градски Остров), така да може да ја видите од повеќе страни. Црквата е изградена во впечатлив готски стил, а на врвот се наоѓаат мноштво индивидуално направени статуи, вклучително и познатите Гарголи.

Нотердам Париз

Ајфеловата Кула

 

Ајфеловата Кула изградена пред 130 години претставува чудо и во денешни размери. Кулата е синоним за Париз, просто не е можно да не ја видите. Самата околина е одлично средена. Паркот Champ de Mars е едно од оние места за каде што луѓето опуштено уживаат во денот па макар и сами читајќи книга или едноставно лежејќи на пролетното сонце.

Полињата на Марс - Champ de Mars

Кулата е со антените е висока 324 метри, а последната платформа достапна за туристите е на 280м. Убавиот поглед на градот е загарантиран, редовите за влез знаат да се големи, но дефинитивно вреди за глетка која нема да ја заборавите.

Париз Ајфелова Кула

Трокадеро од другата страна на реката ако сте во можност оставете го за крај на денот. Пред зајдисонце откако ќе ги направите фотографиите со најубавиот поглед на Ајфеловата кула, седнете на скалите и уживате во ноќната слика на осветлената кула. Потоа земете нешто за пиење и уживајте во некоја од бројните изведби на уличните уметници.

Лувр најголемиот музеј на светот

 

Лувр е втората асоцијација на Париз после Ајфеловата Кула. Најголемиот музеј на светот се простира на 72.000 м2 и има над 38.000 поставки од праисториско време до денеска. Музејот е дворец со огромни градини кои за време на француската револуција било одлучено дека во Лувр треба да се чуваат националните ремек дела.  Самата големина ви говори дека ќе ви требаат недели за да го прошетате целиот, па за кратки посети препорачливо е да се подготвите што сакате да видите.

Лувр Париз

Орсеј ризница на Импресионизмот

 

Уште еден музеј на брегот на Сена од другата страна на Лувр. Иако значително помал од попознатиот Лувр, Орсеј поседува огромна колекција уметнички дела од значајни автори и можеби најголема колекција на слики од Импресионизмот. Моне, Ван Гог, Дега, Сезан, Реноар се само дел од врвните имиња чии уметнички дела ќе ги најдете тука.

Автопортрет Ван Гог

Шанзелизе и Триумфалната Порта

 

Шанзелизе е најпознатата авенија во Париз и се протега од палатата Конкорд и почетокот на градините од Лувр, до Тиумфалната Порта. Движејќи се кон Триумфалнта Порта, со впечатливи дрвореди од двете страни поминувате ни атрактивен дел со брендирани продавници. Триумфалната порта изгледа поголемо во живо со релјефи од француската историја.

Шанзелизе Парис

Монмартр и Мулен Руж

 

Монмартр е рид во 18тата област е познато туристичко место особено по впечатливата базилика Sacré-Cœur. Од центарот на Париз е малку поодалечено па ќе треба да користите превоз, препорачуваме метро и пешачење од најблиската станица. Искачувајќи се по ридот кон базиликата во тревникот повторно ќе забележите групи луѓе кои едноставно уживаат во глетката. Од левата страна зад базиликата има шеталиште и улици со продавници и ресторанчиња. Поминувајќи може да се спуштите по ридот по улиците кои водат до Мулен Руж (Црвена Ветерница). Мулен Руж е кабаре, местото каде што е роден познатиот танц Кан Кан, каде и денес се прикажуваат најразлични претстави. Најимпресивна е глетката ако го посетите ноќе.

Мулен Руж

За повеќе фотографии, коментари или предлози следете ја нашата Facebook страна Идеално.мк.